На 94. Совет на Европскиот патентен институт (ЕПИ) - асоцијација на европските патентни застапници од 39 земји, во која членуваат околу 14.000 претставници, меѓу нив и 18 од Северна Македонија (МК), кој се одржа во Малме, Шведска, на 2 и 3. Мај, 2023, беше востановен составот на Советот и избрано ново претседателство. Новите советници од МК се: Ванчо Дамјански, член, (Берин), Богољуб Илиевски (присутен), член, Ѓорѓи Филипов, присутен, (Берин), зам. член и Валентин Пепељугоски, зам. член. Ванчо Дамјански е избран за член на Дисциплинскиот комитет, како претставник од МК. Членовите на останатите комитети ќе се бираат најмалку еден месец пред есенската средба на Советот. Новиот Совет на ЕПИ ги избра и членовите на Бордот (Претседателството) во чиј состав влегоа: претседател, Петер Томсен, Швајцарија (CH), потпретседатели: г-ѓа Катерина Хартвичова, Чешка (CZ) и Тимен Рејнс, Холандија (NL), генерален секретар, г-ѓа Магдалена Аугустинјак, Полска (PL), зам. ген. секретар, г-ѓа Анн Де Клерк, Белгија (BE), ризничар, Золт Сцентпетери, Унгарија, (HU) и зам. ризничар, Анреас Винтер, Германија (DE). Со видео порака до присутните на Советот се обрати претседателот на Европската канцеларија за патенти (ЕПО), Антонио Кампинос.
За време на дводневната работа на Советот беа презентирани и утврдени резултатите од изборот на новите советници, усвоени извештаите од работата на претходното претседателство (претседател, потпретседатели, генерален секретар, извршниот директор), а членовите на Советот беа запознаени и со кандидатите за новото претседателство. По паузата за ручек се пристапи кон избор на новите членови на Претседателството, после што Советот гласаше и ги избра гореспомнатите коеги. Стариот ризничар и новиот претседател на Совето, Петер Томсен поднесе финансиски извештај и го претстави буџетот на Советот за следната година, на којшто беа поднесен амандмани со барање за повишување заради учество на членовите на Советот на големата прослава по повод 50 години од Европската патентна конвенција, којашто ќе се одржи во октомври годинава во Минхен. На вториот ден од работата на Советот, после извештаите кои ги поднесуваа претседателите на соодветните комитети на Советот, а после извештајот за работа на Дисциплинскиот комитет, беше избран нов Дисциплински комитет, во којшто МК ја претставува, колегата Дамјански. Беа избрани и нови двајца аудитори и нивни заменици и презентирани амандмани на постапката за избори на членовите на комитетите. Пред завршување на работата беше направен преглед на сите донесени одлуки, усвоени извештаи и презентации, за потоа Советот да ја заврши работата со обраќање на новиот претседател и симболично заземање места на претседавачката маса од страна на сите новоизбрани членови на претседателството.
Советот се одржуваше во Clarion Hotel Malmö Live, а домаќините организираа ексурзии до Копенхаген (Данска), со посета на кралската палата и Лунд (универзитетски центар, втор најстар во Шведска, после Упсала) и Малме (Шведска), на кои смееја да учествуваат и придружниците на членовите на Советот. Само за придружниците беше организирана специјална еднодневна ексурзија „Истражете го Малме пешки и со брод“. За завршен чин на настанот беше приредена ексклузивна вечера во ресторанот „Луфткастелет“, на самиот брег на морето, со прекрасна глетка на залезот на сонцето и комбинацијата меѓу футуристичка архитектура и природа на шведскиот крај од мостот којшто ги поврзува Малме и Копенхаген.
На членовите на поранешното претседателство и на колегите од шведската група на европски патентни застапници, како и на вработените во секретаријатот на ЕПИ им честитаме за успешната организацијата на настанот, како од професионална, така и од социјална и колегијална точпка на набљудување.