Во рамките на Конференцијата „Неделата на CEFTA 2021 – 15 години трговија“, која се одвиваше од 13-16 декември 2021 во Скопје, на 16.12.21 се одржа и панелна дискусија под назив „Правата на интелектуална сопственост (ИС) како поттик на трговијата и инвестициите“, на која говореше и проф. д-р Ѓорѓи Филипов, основач на Агенцијата „Берин“. Останати панелисти беа: м-р Младен Вукмир, водител на CEFTA IPR проектот (Загреб), Јасмина Суљовиќ, адвокат (Сараево), Игнасио де Медрано Кабаљеро, шеф на Службата на областа за меѓународна соработка, Европски завод за интелектуална сопственост (EUIPO), (Аликанте), Драгана Ранитовиќ, директор за ИС, Министерство за економски развој, (Подгорица) и Марија Божиќ, Завод за ИС, (Белград). Со дискусијата модерираше Аурелија Исеану од Секретаријатот на Central European Free Trade Agreement (CEFTA) (Брисел). На конференцијата учествуаа и колегите: Лилјана Филипова, коосновач и европски патентен застапник од „Берин Интернационал ГмбХ“, Виена, ДИ Богољуб Илиевски, шеф на Секторот за патенти во „Берин“, потпретседател на Европскиот патентен институт, м-р Марија Ќосеска, шеф на Секторот за трговски марки и м-р Ивона Секуловска, застапник за ИС и околу педесет претставници од сите земји на ЦЕФТА.
Во првиот дел од панелот се дискутираше за важноста на IPR за поттикнување на трговијата во ЦЕФТА и како таа може да генерира економски раст, да привлече инвестиции и нови области на развој. Аурелија Исеану, даде краток вовед, а потоа поставуваше прашања кон секој од панелистите. Заеднички беа прашањата: 1.Зошто треба сериозно да ја сфатиме улогата на ПИС во економскиот развој, поттикнувањето на трговијата и привлекувањето инвестиции? и 2. Како да обезбедиме заедничките правила и минималните стандарди за заштита и спроведување на правата на ИС меѓу ЦЕФТА страните да и служат на целта без да создаваат непотребни трошоци и можни бариери за трговијата? Како да се однесуваме кон загриженоста на бизнисот дека правата добиени на еден пазар не важат на друг пазар на ЦЕФТА? На претставникот на МК, д-р Филипов му беше поставено посебно прашање: „Неодамна Инвестицискиот форум за шестте комори на Западен Балкан објави извештај кој укажува дека ИС е рангирана меѓу нетарифните бариери, кои се сметаат за пречка за водење бизнис во регионот. Со оглед на тоа што вашата компанија нуди низа услуги за ИС во регионот и пошироко, вклучително и државите на ЕУ, што мислите дека претставува додадена вредност за бизнисот доколку ги штити своите права на ИС обезбедувајќи притоа да не се создадат дополнителни бариери за трговијата“?
Во вториот дел на панелот дискутантите иницираа низа прашања при што д-р Филипов говореше за не толку честите, но многу непријатните, ситуации кога некои домашни заводи за ИС или ЕУИПО при проценката дали да признаат некоја пријава на трговска марка и да ја регистрираат, наместо одредбите на законот, меѓународни конвенции и договори како критериум за одлучување ја користат припадноста на компанијата, која бара заштита во земјата пред чиј Завод е поднесена пријавата или која е во ЕУ или е надвор од ЕУ. Филипов, исто така, се осврна и на споровите за географските називи, при што претставникот на ЕУИПО, Медрано Кабаљеро одговори дека такви спорови постојат и меѓу заинтересирани компании од самата ЕУ, што не е ништо необично, а ЕУИПО мора да донесе некаква одлука, доколку не се најде компромисно решение меѓу самите страни од спорот.
Модераторот, г-ѓа Исеану, нагласи дека целта на Дискусијата е да се разговара за следните чекори за унапредување на соработката за правата на ИС во рамките на ЦЕФТА, можните препораки, остварливите решенија, кои би можеле да се имплементираат во ЦЕФТА. На оваа тема, Филипов предложи да се разгледа можноста за создавање на еден заеднички „Завод за трговски марки и индустриски дизајни“ за сите членки на ЦЕФТА, по примерот на Белгија, Холандија и Луксембург. Тоа би ги анулирало пречките и бариерите за слободна трговија што ги предизвикува протекционизмот во ИС, кој иако не е голема пречка, сепак, според анкетите, учествува со 15% удел во вкупните нетарифни бариери.
Имајќи предвид дека освен панелната дискусија, од страна на Европскиот завод за интелектуална сопственост (ЕУИПО) беше одржана и техничка работилница за вработените во заводите за ИС на земјите, членки на ЦЕФТА, Неделата на ЦЕФТА 2021 во РС Македонија ја оценуваме како успешен настан.